Според архиепископот, вистинска среќа е што никој не настрадал во пожарот и што било спречено огнената стихија да ја зафати манастирската црква во која се наоѓа еден од највредните иконостаси во православието и чудотворната икона на Св. јован Крстител.
Поглаварот на МПЦ, видно вознемирен од трагедијата кажа дека недоволната грижа придонела да бидат уништени исклучително значајни делови од манастир Св. Јован. Тој најави дека ќе бидат направени напори да се возобноват објектите кои изгореа во огнената стихија.
– Најмногу ќе направиме доколклу сите на свој начин се вградиме во обновувањето на изгорениот манастир, кој навистина им припаѓаше на сите. Тој беше светилиште на МПЦ и на православните, но тој беше почитуван и сакан од сите и верувам дека во неговата обнова и ќе се вклучат сите, додаде г.г. Стефан.
Во пожарот што вчера рано утрото го зафати манастирот Св. Јован Бигорски до темел изгореа стариот палат, конаците, трпезаријата и библиотеката. Благодарение на брзата и присебна реакција на монасите спасени се вредни реликвии. Државниот врв најави дека брзо ќе биде формирано работно тело кое ќе ги координира активностите околу возобновувањето на манастирот.
фото: Васко Бујароски