По повод најголемиот христијански празник, Велигден, поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан упати празнична порака до верниците и македонскиот народ во која повика на сплотеност и љубов.

„Во овие 2000 години се радуваат и го љубат Господа сите кои што духовно се издигнаа, сите што живееа во благочестие и праведност, сите богоходници и светии и сите кои веруваа во Христа што воскресна во нов живот. Но, дали Господ е воскреснат и за нас денеска. Дали воскресна во нашиот живот и дали живее во нашите срца. Колку е Бог присутен во нашите мисли во нашите души, во нашиот живот, толку е и воскреснат за нас. Колку што ние живееме за него толку и он е жив за нас.

Возљубени, Велигден е празник на преродбата и животот. Таму кај што има преродбен живот има и љубов зашто животот е плод на љубовта. А, ние денес за да ја разбереме жртвата на љубовта треба да сме вистински христијани, да сме богољубиви, човекољубиви, да си ја чуваме верата, да правиме добри дела, да внимаваме и на мислите и на зборовите и на постапките. Во овие празнични мигови да ја почувствуваме радоста која што ја имаат оние кои веруваат во Воскресение и живот во Господа и да им се придружиме на оние кои што веруваат во бесмртниот и вечно живиот Бог.

Воскресението Христово, празникот над празниците да го доживееме и да го поминеме се’ радосно – Велигденски како народ на верaта и народ божји и овде во татковинава и насекаде каде што не има по светот. Да се помолиме на воскреснатиот Господ, секој посебно и сите заедно за да доживееме и сопствено воскресение.

Христос Воскресе! Христос Воскресе! Христос Воскресе!

Ohridnews