На местото на старите метални огради, ивичниците на тротоарите околу кружниот тек кај гимназијата сега ги красат млади садници од видот „Туја Смарагд“ со височина од 1.2 метри, кои ги донираше расадникот „Розенталис“.

Поставен е и систем за автоматско наводнување, кој треба да овозможи дрвцата брзо да се зафатат и редовно да се одржуваат.

Ова е наша прва ваква активност, а ќе следат и други, велат од расадникот „Розенталис“.

Донацијата е за Охрид и охриѓани. Меѓу другото таа има за цел и подигнување на колективната свест за еколошките прашања кои ја мачат заедницата. Охрид треба да биде лидер во Македонија по зеленило и правилно просторно планирање, а нашата екипа е подготвена да придонесе за остварување на таа цел без никаков финансиски бенефит. – изјавија за OhridNews од расадникот „Розенталис“.

Претходно, по налог на општината, просторот го подготвија екипи на јавното претпријатие „Градски гробишта“, кои поставија соодветна инсталација за одржување на новиот зелен појас, што ќе го облагороди овој простор.

Ваква ограда од зеленило ќе биде засадена и на тротоарските рабови од останатите кружни крстосници на булеварот „Туристичка“, најави локалната самоуправа.

Г.М.