На македонскиот репрезентативец Филип Миркуловски му беа доволни само четири месеци да ги импресионира и освои срцата на ладните германци. Тој без никаков проблем се адаптираше во Хановер и уште еднаш го покажа најдоброто од себе овој пат во Бундес лигата.
По само два месеци минати во Хановер тимот на Вецлар каде моментално настапува Дејан Манасков потпиша пред договор со Миркуловски за трансфер по завршување на сезоната.
Во македонското дерби во Бундес лигата Миркуловски беше подобар од Манасков, а тренерот на Вецлар бил импресиониран од средниот бек.
– Тежок и исцрпувачки натпревар на психички план. Сакав на новиот клуб да му докажам дека не погреши што ме ангажираше, а исто сакав да победам со сегашниот. – рече Миркуловски и додаде за предизвикот што го очекува следната сезона. – Нема никаков притисок врз мене дека во тимот треба да го заменам Ивано Балиќ. Напротив, тоа уште повеќе ме мотивира бидејќи Балиќ е еден од најдобрите ракометари во светот.
Играњето на Миркуловски е добра вест и за македонскиот селектор Ивица Обрван, кој ќе може да смета на бекот за одлучувачките натпревари за Македонија во квалификациите за Европското првенство во Полска.
Мх.П.