Германската Федерална разузнавачка агенција за заштита на уставот открила и уапсила во своите редови германски државјанин кој имал достап до„чувствителни материјали“, под обвинение дека објавувал исламистички изјави на интернет и откривал интерни материјали на агенцијата.
Портпаролот на агенцијата одбил да дава детали за позицијата на уапсениот во агенцијата и за времето кога ѝ се приклучил на агенцијата, како и за тоа дека 51-годишникот планирал да активира бомба во централното биро на разузнавачката агенција во Келн. Наредбата за негово апсење била издадена под сомнение за заговор за убиство.
„ Човекот е обвинет за објавување исламистички пораки преку интернет користејќи лажно име и за откривање интерни материјали на агенцијата на интернет“, рекол портпаролот додавајќи дека мажот „се однесувал неупадливо во текот на обуката и во својата област на одговорност“.
Медиумите пишуваат дека органите на прогонот влегле во трагата на осомничениот екстремист пред околу четири седмици, и оти тој во моментов е притворен, а истрагата ја води обвинителството во Диселдорф. Мажот влегол во контраразузнавачката служба неодамна и требало да ги следи исламистите во Германија. Иследниците кај осомничениот откриле преносен уред на податоци со важни службени информации.
Германските власти ги засилија надзорот над потенцијалните милитантни исламистички групации по двата напада во јули годинава за коишто одговорноста ја презема екстремната сунитска организација Исламска држава.