Од 26 до 29 август, во Охрид, во организација на Кинолошката асоцијација на Македонија, се одржа  Интернационална изложба на кучиња, на која пријавени беа 300 кучиња.

Исклучителен успех во групата овчарски раси на изложбата постигнаа кучињата од одгледувачницата на нашиот сограѓанин Томе Ѓорески – Торез, одгледувач на долговлакнести германски овчари (вучјаци). На изложбата учествуваа три кучиња од неговото легло, кои потекнуваат од мајката Зои – германски овчар, шампион на Македонија и првак во својата раса во 2017 година и татко Лајко Вом Најсхоф.

Германскиот овчар Цезар, од одгледувачницата на Торез освои 1во место во групата “BOG“ (Best of the group), во конкуренција на 30 кучиња и со тоа се пласира во Топ 10 најубави кучиња на изложбата од 300 натпреварувачи.

Со овие признанија, како и освоените титули од 2020/21 година – 3 одлични оцценки, 3хпрвак на раса, 3х CAC и 3х CACIB, овој расен германски овчар од фамилијата Христоски стана шампион на Македонија за 2021 година.

Неговите сестри Шила и Зара, за прв пат учествуваа на изложба и се „закитија“ со одличја. Зара освои трето место и одлични оценки во првата натрпеварувачка група (fci), како и одлична оценка во натпреварот за првак во раса, а Шила, член на фамилијата Димитровски, освои одлична оценка во натпреварот првак во раса (1xBOB, 1xCAC и 1xCACIB).

Во разговор со Ѓорески, информирани бевме дека во план е формирање и клуб за расата Германски овчар во Охрид, каде ќе има разновидни активности за овие расни кучиња.

На изложбата успех постигнаа и охридските шарпланинци Ханс сопственост на браќата Даниел и Здравко Андревски (3xCAC 2RCAC) и Хуго на Марија Илоска, кој освои одлична оценка и признание за перспективен мажјак.

На изложбата што се одржа на отворениот простор пред хотелот „Аквалина“ беше претставен црниот бисер на Македонија – кучето од расата Караман. Љубителите на оваа раса работат неуморно караманот да се признае на светско ниво како автохтона раса од Македонија.

Повеќе видеа и фотографии од изложбата љубителите на кучиња можат да погледнат на следниот линк.

OhridNews