Германски брачен пар кој бил на летување на италијанскиот остров Сардинија ги купил сите јастози на менито во еден луксузен ресторан и ги вратил во морето, јавуваат локалните медиуми. Шефот на ресторанот „Мама Латина“ кој се наоѓа на познатиот Смарагден Брег рекол дека штом влегла во ресторанот жената веднаш застанала пред јастозите. Ги прашала дали се живи и дали може да ги купи сите.

Германските туристи платиле 500 евра за раковите чие месо се смета за еден од најголемите морски специјалитети. Еден од гостите се обидел да ги спречи во нивната работа, објаснувајќи им дека јастозите веројатно нема да успеат да преживеат во морето и дека рибарите наскоро повторно ќе ги уловат. Сопственикот на ресторанот Роберто Пачи рекол дека морале да ги стават во посебна кутија како би можеле да ги однесат до морето. Додал дека за десет години колку што работи никогаш не видел нешто слично.