Претставниците на комората од Кобленц, пред учесниците на семинарот, кои ги има од скоро сите регионални занаетчиски комори во Македонија, како и гости од Србија, ќе се обидат да пренесат свои искуства и знаења, но не „како рецепт, за продавање“ – туку како препорака и афирмација на нивното мото – „Вчера чирак, денес калфа, утре мајстор!“
Претседателот на македонската национална занаетчиска комора, Ѓорѓи Кочовски, смета дека германската помош е добредојдена.
„Ако на една Германија и` требаат занаетчии, тогаш на Македонија уште повеќе. Занаетот значи самовработување, излез од кризата. Не се доволни само вакви средби.
Државата треба да помогне во т.н. креирање на услови за развој на нашето во моментов слабо развиено и неорганизирано занаетчиство. Треба да има поволни банкарски кредити, да се створи општа клима на развој.“
Претставничката на Занаетчиската комора – Кобленц, Д-р Евелина Парванова смета дека македонските комори треба да се здружуваат и да окрупнуваат.
Евелина Парванова
„Ќе пробаме да пренесеме дел од нашите начини на работа. Во комората од Кобленц членуваат повеќе од 18.000 занаетчии. Македонските занаетчии треба подобро да се организираат, но и државата да им помогне. Законот за занаетчиство од 2004 година е добар, но засега само стои на хартија.“ – вели Парванова.
Меѓу неколкуте охридски занаетчии, учесници на семинарот, разговараме со претседателот на регионалната комора, Вељан Филчоски, казанџија.
„Охридските занаетчии, членови на комората, воопшто не се задоволни од општината, а пошироко и државата. Во комората членуваат околу 380 занатечии, од сите профили иако најмногу има фризери, лимари, електричари итн.
Не сум задоволен и од градоначалникот Петрески кој пред извесно време ни вети дека ќе обезбеди една просторија, за канцеларија, но сега не сака да ме прими на разговор. Тоа не е добро.“
На прашањето што мисли за бројните кражби на казани низ градот и околината?, се смешка и вели „бериќатворсан, ќе имат работа!“
Семинарот трае до 14 март.