Германската полиција вчеравечер извршила претреси во центри за прифаќање на бегалци и во домовите на двајца можни соучесници на 24-годишнот Тунижанец Анис Амри, осомничен дека со камион вечерта на 19-ти декември на божикниот базар во Берлин во терористички напад усмрти 12 луѓе, соопшти канцеларијата на државниот обвинител на Германија.
Во еден од прифатните центри иследниците трагале по 26-годишен државјанин на Тунис, за кој сметаат дека можело да биде поврзан со берлинскиот напаѓач.
„Според податоците на истрагата, тој се познавал со Анис Амри најдоцна од крајот на 2015 година и контактирал со него кусо до моментот на извршувањето на терористичкиот чин. Постои сомневање дека обвинетиот бил во тек со плановите за нападот и, веројатно, му помогнал на Анис Амри“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Покрај тоа, полицијата извршила рација и во берлинскиот стан на лице кое порано живеело заедно со Амри. „Според достапните информации, сведокот исто така контактирал со Амри. Истражните дејствија беа во насока на појаснување на активностите на Амри пред и по извршувањето на терористичкиот напад“, се додава.
Меѓутоа, не е соопштено дали во текот на рациите се приведени и самите осомничени. Обвинителството најавува дека во текот на средата ќе даде изјава во врска со текот на истрага за терористичкиот напад во Берлин.
Вечерта на 19-ти декември во Берлин, со украден полски шлепер чиј возач го убил, Анис Амри влета во толпата на божикниот пазар, и притоа уби 12 луѓе и повреди уште 48. Во кабината од возилото беа пронајдени негови документи и отпечатоци од прсти. Одговорноста за нападот ја презема џихадистичката групација Исламска држава.
И покај масивната полициска операција, Амри успеал да пребега во Холандија, во Амстердам, а потоа со автобус непречено повеќе од 15 часа да патува до францускиот град Лион, од каде со воз допатувал во северниот италијански град Милано, каде на 23-ти декември утрото беше убиен во престрелка со полицијата која при рутинска контрола му побарала документи.