Германската влада се подготвува за можноста дека балканските земји наскоро би можеле да ги затворат своите граници, што за последица ќе ги има паниката и хаосот меѓу бегалците и зголемување на бројот на илегалните преминувања на границите, пишува дневниот весник Welt am Sonntag, повикувајќи се на извори од германските безбедносни служби, пренесува „Макфакс“.

Во документот под насловот „Илегални имиграции“, кој го составил Заедничкиот аналитички и стратешки центар – илегална имиграција (Gasim), е дојдено до заклучокот дека бегалците со сé побрзо темпо минуваат по таканаречената „балканска рута“, што тие земји би можело да ги натера да ги натера на синхронизирано затворање на своите граници.

„Периодот на минување кој бегалците го минуваат во поединечните земји е сé покус и тоа земјите од балканската рута би можело да ги натера на затворање на границите“, го цитира Welt am Sonntag заклучокот од споменатиот извештај.

Тоа би го предизвикал ефектот на „слепа улица“ и грчката политика на „подвижни врати“, односно пропуштањето на бегалците кон север, и би довело до колапс и паника меѓу бегалците коишто би се нашле во тој ќорсокак.

Доколку земјите членки на Европската унија не помогнат, би можело да дојде до „драстично влошување на хуманитарната ситуација“, а последица од ваквата состојба би била „навалици на границите“, како и неконтролиран број илегални преминувања, се предупредува во германскиот документ.

Во извештајот на германските безбедносни служби, исто така, се предвидува и зголемување на бранот бегалци од Сирија.

Весникот во истото издание пишува и дека Агенцијата на Европската унија за управување со границите – Фронтекс, уште пролетва годинава ја предупредил германската влада на можен егзодус на бегалците кон Европа. Предупредувања со слична содржина во Германија испраќала и германската амбасада во Приштина, укажувајќи на сé поголемиот број илегални имигранти од Косово.

OhridNews
извор:„Макфакс“