Германија сака да ја продолжи забраната за објавување на автобиографијата на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер „’Mein Kampf“ (Мојата борба) што била воведена по Втората светска војна, а истекува на крајот на следната година, пренесува „Макфакс“.
Министрите за правда на 16 германски регионални држави се согласиле дека објавувањето на книгата, напишана во 1924 година во која фирерот пишува за своите амбиции да освои големи територии во источна Европа, би требало да се спречи и по истекот рокот на траење на авторските права, 31-ви декември 2015 година.
Од крајот на Втората светска војна, германската сојузна држава Баварија, којашто ги има авторските права на контроверзното дело имајќи предвид дека во време на неговата смрт Хитлер официјално бил жител на Минхен, ја задржа забраната спречувајќи негово објавување.
Авторските права, меѓутоа, истекуваат во 2015 година, 70 години по самоубиството на Хитлер.
Верзија на „Mein Kampf„ со објаснување на ставовите на нацистичкиот лидер, што ја објави еден германски историски институт, наскоро би требало да излезе од печат откако баварските власти дадоа зелено светло за нејзино објавување.
Баварскиот министер за правда Винфрид Баубак го поздрави „јасниот сигнал против нетолеранцијата, ксенофобијата и антисемитизмот“ што го испратиле другите германски држави.
„Германија има посебна историска одговорност што мора да ја исполниме“, рекол тој додавајќи дека светот внимателно го следи начинот на кој Германија се однесува кон оваа „нехумана“ книга.
„Ние им го должиме тоа на жртвите од холокаустот и на нивните роднини“, навел тој.
На дводневниот состанок во балтичкото леувалиште Бинц, министрите за правда се договорија дека по истекот на авторските права на 31-ви декември 2015 година би требало да се забрани секое издание на „Mein Kampf“.
Хитлер ја напишал автобиографијата во 1923 година додека отслужувал затворска казна поради обидот за државен удар. По неговото доаѓање на власт, книгата била отпечатена во повеќемилионски тираж. Од 1936 нацистичката држава на секоја нова брачна двојка и давала по еден примерок од книгата како свадбен подарок.
OhridNews
извор:„Макфакс“