Со проекција на документарниот филм „Германија од горе“ вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ завршува програмата од десетото издание на „Фестивалот на новиот германски филм“ која беше предвидена за Охрид.
Овој документарен филм кој е во режија на Фреди Рекенхаус и Петра Хефер изобилува со впечатливи мајсторски дела со иновативен ХД-квалитет, кои се снимени со помош на најмодерната техника, од хеликоптери и мали авиони.
-Од птичја перспектива публиката ги следи реките и нивниот тек по земјата, прелетува планини, лови со златен орел или набљудува фудбалски натпревар од птичја перспектива. На неверојатната природна разновидост на Германија, на нејзината флора и фауна, а дотолку повеќе и на жителите, „Германија од горе“, им остава траен кинематографски споменик, пишува во програмата на филмскиот фестивал.
Проекција започнува во 20 часот, а влезот е слободен.
Инаку во рамки на програмата на германскиот филмски фестивал, која беше предвидена за Охрид беа прикажани филмовите „Родители“, „Фак ју Гете“, „Паркот на среќата“ и детскиот филм „Рики“.
OhridNews