Германија и Словачка се залагаат С Македонија и Албанија во јуни заедно да ги почнат преговорите за членство во ЕУ, објавија на Твитер германскиот министер за Европа Михаел Рот и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок.
Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни. Двете земји ги испорачаа бараните реформи – сега мора и ЕУ да испорача. Понатамошното одложување ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, напиша Рот, како реакција на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.
Шефот на дипломатијата на Словачка, Корчок, пак, смета дека Советот на ЕУ треба да го тргне ветото за С Македонија што го стави Бугарија.
Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Одржувањето на меѓувладините конференции со двете земји веќе многу дозцни, напиша Корчок.
Загриженост за најавата на комесарот за проширување Оливер Вархеји за време на неговата турнеја по земјите на Западен Балкан дека е можно Северна Македонија и Албанија да бидат поделени во нивниот пат до полно членство во Европската Унија ако С Македонија и Бугарија не најдат заеднички јазик во решавањето на спорот околу идентитетските прашања, денеска изрази и Здруженито за надворешна и меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ .
Советот на Амбасадори не верува дека изнесениот условен став на комесарот Вархеји може да биде и став на Унијата. По оваа проблематика пред две години негативно се изјаснија некои земји членки на Унијата и не веруваме дека постојат сериозни причини ЕУ да го промени ставот, се посочува во соопштението.
Советот на Амбасадори, се додава, е на ставот дека прогресот кон полноправното членство во Унијата на земја кандидат не смее да биде во заложништво на ветото на една земја членка кога се однесува до билатералните нерешени прашања.
Од Советот на амбасадори сметаат дека реализирањето на таквата можна опција ќе даде негативни импликации за земјата и за регионот.
OhridNews