Германецот Александар Стуџински триумфираше на 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон, откако во фото финиш успеа прв да доплива до целта на градското пристаниште. Втор беше нашиот пливач Евгениј Поп Ацев, а со него речиси едновремени на целта пристигнаа уште петмина пливачи.
Стуџински 30-километарската патека „Климен Савин“ ја исплива за 5 часа, 15 минути, 14 секунди и 36 стотинки, а Поп-Ацев заостана само 33 делови од секундата. Третопласиран на целта исплива Аргентинецот Гилермо Бентола.
– Активно учествував на една од највозбудливите трки во историјата на Охридскиот пливачки маратон. Воопшто не сум разочаран што не стигнав до првата позиција, бидејќи Стуџински имаше повеќе сила и енергија во финишот. – рече Евгениј Поп-Ацев.
Рамо до рамо со машките пливачи завршија двете италијанки Барбара Поцбон и Аличе Франко. Поцбон имаше време 5.15.24.32 додека Франко заостана нецела минута.
– Искрено не очекував ваква трка, затоа што испливав рамо до рамо со машките. Тие констатно ми беа мотив и ме влечеа да држам јако темпо, кое на крајот го издржав. – истакна победничката.
Наградниот фонд од 10 000 долари на 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон беше подпокровителство на Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, а главен организиратор беше Општината Охрид во соработка со Пливачката федерација на Македонија, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортови.
OhridNews