Германската полиција уапсила човек кој собирал пушки, муниција и материјал за правење бомби во семејно атомско засолниште кое го изградил самиот стравувајќи од напад од Русија. Овој електричар го изградил засолништето со проширување и зајакнување на подрумот на неговата семејна куќа во Келхајм во покраината Баварија. Полицијата соопштила дека конфискувала два митролези, 80 пушки, 60 пиштоли, 20 илјади парчиња муниција и 40 килограми материјал за правење експлозив. Портпаролот на полицијата изјавил дека тој се плашел од русите. Не знаеле кога почнал да го гради засолништето, но го направил самиот.

 

Уапсениот во бункерот имал и залихи на храна, а изградил и подземен систем за филтрирање на воздухот и за довод на вода. Нема докази дека станува збор за психијатриски пациент ниту за личност со екстремни политички ставови, навела полицијата, додавајќи дека тој е уапсен поради поседување недозволено оружје и експлозив. На полицијата и биле потребни три дена да влезе и да го претресе засолништето и арсеналот оружје. Морала да користи тешка машинерија за да ги пробие ѕидовите.