Честитки на сметка од македонските репрезентативци и селекторот Игор Ангеловски за фантастичната претстава и победата против Германија од 2-1 во Дуисбург доаѓаат од сите страни. Речиси сите светски медиуми во суперлативи пишуваат за „црвено жолтите“, кои на колена фрлија светска фудбалска веле сила.

Еден од највпечатливите коментари од илјадниците кои можеа да се прочитаат на социјалните мрежи беше на хрватскиот интернет сајт Индекс. Хрватски вљубеник во фудбалот ја опиша играта на Македонија и рече дека победата е изненадување само за оние кои не го гледале натпреварот.

Го гледав цел натпревар. Македонците технички и тактички подготвени. Секоја чест за Ангеловски. Акциите воиграни. Топката оди брзо по земја, сите ја застануваат и никој не паничи во напад и одбрана. На германците поклонет им беше пенал, на македонците не им беше досуден. Играта на Германија прочитана и неутрализирана. Поседот не е важен. Се на се, маестрална претстава на Македонија, која потсети на играта од Португалија кога триумфираше на ЕП. Честитки и капа долу! – стои во коментарот.

Германците, пак, немаа воопшто милост кон селекторот Јоаким Лев и репрезентативците. Најугледниот германски весник „Билд“ играта и претставата на германската селекција ја нарече срамна, а ги пофали нашите фудбалери. Во лавината од коментари можеше да се прочита задоволството од фактот што Лев заминува после Европското првенство, кое ќе се одржи ова лето.

На Македонија и честиташе и Бастијан Швајнштајгер, покажувајќи дека не за џабе го има статусот на светска фудбалска легенда. Популарниот „Басти“ го искритикува и судијата за грешките, кои отидоа во полза на Германија.

„Црвено жолтите“ предводени од Ангеловски ги живеат моментите на слава, а ние немаме проблем да потрае уште малку, барем до јуни/јули кога на програмата е Европското првенство.

Мх.П.