Со нова реорганизација на работењето, формирани тријажни оддели за примање и насочување на пациенти, кризен штаб, охридската Општа болница успешно се справува со предизвиците кои ги наметнува моменталната состојба. Според неодамна назначениот директор на болницата Д-р Горан Балевски медицинскиот персонал со кој во моментов располага болницата е еден од најдобрите во регионот.

  • Имаме доволно капацитет, знаење и умеење, средства и лекови за да се справиме со сите предизвици во оваа состојба. За една недела доста е направено. Формиран е Кризен штаб во кој се началниците на сите одделенија во болницата, сите најдобри лекари од целиот пероснал кои се искусни, кои даваат свои совети и со нивно водење и насоки досега формиравме тријажен центар каде се упатуваат сите пациенти пред да влезат во болницата. Во него има двајца специјализанти кои понатаму, според клиничката слика, ги упатуваат граѓаните кон одделенијата, информира д-р Балевски.

Тријажен центар се објектите на Геријатриското одделение и Одделението за кожни болести. Згрижените лица од Геријатриското одделение се префрлени во Специјализираната болница „Св. Еразмо“, а докторите од Кожното одделение своите работни задачи ги вршат во одделението за Очни болети.

Во однос на пациентите со симптоми на коронавирус, д-р Балевски информира дека пациентите со полесна клиничка слика и оние за кои се чекаат резултати од земени брисеви, се згрижуваат на Инфективното одделение, а потешките случаи се препраќаат во битолската болница која сега е регионален центар за згрижување пациенти со коронавирус.

  • Полесните форми ги згрижуваме на инфективното одделение и сметам дека досега тоа функционира беспрекорно. Моментално на Инфективното одделени има шест пациенти со симптоми, за кои се чекаат резултати од земени брисеви и тие се во добра здравствена состојба. Капацитетот на Инфективното одделение, според сите стандарди кои треба да бидат запазени, е десет пациенти, вели д-р Балевски.

Во болницата се примаат пациенти од целиот регион. Пациентите од општина Струга по извршен преглед во струшката болница се праќаат во охридската доколку е потребно мислење од инфектолог, а потоа според нивната клиничка слика, инфектологот одлучува дали пациентот ќе остане во охридската болница или ќе биде испратен во Битола.

Д-р Балевски со порака до граѓаните и медициснките лица да се почитуваат сите препораки на надлежните со цел воспоставениот систем во болницата да може уредно да функционира.

OhridNews