Сегашни и поранешни играорци од Културно-уметничкото друштво „Ѓердан“ ќе ја одбележат 40-годишнината од постоењето на друштвото со свечен концерт што ќе се одржи вечерва од 19 часот и 30 минути во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Поголемиот дел од концертот ќе им биде посветен на поранешните членови на друштвото. Дел од нив, иако во поодминати години, ќе го изведат „Тешкото“. Според Менде Баракоски кој е дел од „Ѓердан“ од самите почетоци, највозрасните членови се во добра кондиција, а за вечерашниот настап, тие и претходно се подготвуваа.„ Нив не смееме да ги заборавиме зашто вложија многу во развојот на друштвото“, вели Баракоски. „Сегашните генерации се уште ги користат и нивните носии“, додава тој.

Во текот на четирите години постоење, КУД „ Ѓердан“ има остварено повеќе од 60 турнеи надвор од државата.Друштвото брои 130 активни членови кои оставаат силен впечаток преку своите настапи на фолклорната сцена, а според Баракоски, ќе се прават напори Охрид да добие силна фолклорна група која ќе влезе во туристичката програма на градот.

Вечерашниот концерт ќе биде отворен за сите љубители на фолклорот.

Ohridnews