Ѓердан од канџи на гризли мечка и пиштол колт 45, кои му припаѓале на легендата на Дивиот запад Вилијам Коди, познат како Бафало Бил, продадени се на аукција во Далас за повеќе од 80 илјади долари. Аукциската куќа Херитејџ, која била организатор на лицитацијата, соопштила дека предметите биле продадени за по 40 илјади долари. Претставникот на Херитејџ навел дека познатиот ловец на бизони огрлицата ја добил од поглавицата на Сиуксите, Бикот кој седи, а дека револверот го купил во 1883 година во Њујорк.

Бафало Бил е познат и по ревиите на каубојски вештини во кои настапувал како главна ѕвезда. Од 1884 до 1907 година настапувал и по Европа. Врз основа на неговите вистински, но и измислени авантури, напишани се голем број книги и објавени голем број стрипови, а подоцна се снимани и филмови и телевизиски серии.