По обвинувањата на ексминистерот за одбрана Љубен Пауноски дека во воената 2001 Љубчо Георгиевски  наводно предложил поделба на Македонија, со експресна реакција се јави поранешниот премиер:

„Господинот Пауновски очигледно ги следи добро трасираните патеки на многу бивши Вмровци поминувајќи успешно по двата пата. Прво пушачкиот кога требаше да се добиваат министерски места од Георгиевски и вториот плукачкиот кога треба да се додвори на некој друг. Очигледно предметот на Пауновски очекува некоја судска одлука и оценил дека добро ќе му дојде малку додворување пред актуелната власт, знаејќи го мојот однос со Груевски“, се вели во реакцијата

Георгиевски ги отфрла и тезите на Пауноски кој во исказот пред „Транспарентност Македонија“ посочува дека биле игнорирани предупредувањата на разузнавачките служби за опасност од воен конфликт.

„Пауновски предупредувал за кризата. Каде се тие предупредувања? Каде се тие писмени извештаи? Пауновски бил за политичко решение? Кој му пречесе да го постигне? Но, прашувам со кого и за што? Ке потсетам, ОНА дури после неколку месеци објави кој е командант, после шестото соопштеније објави делумно што сака, а седна политички да преговара откако беше војнички набиена во ќош како што неодамна им кажа г-динот Тачи“, стои во писмената реакција на прозвениот Љубчо Георгиевски.

Во видео исказот Пауновски вели дека во текот на изминатите осум години е изложен на континуирани притисоци и уцени со закани по неговиот живот и по здравјето на членовите на неговото семејство и дека има основано сомневање дека таквите закани можат да се остварат за време на одржувањето на затворската казна на која е осуден поради злоупотреба на службената должност во времето кога ја извршуваше функцијата министер за одбрана во владата на Љубчо Георгиевски.

Ohridnews