– Од ждрепката сме презадоволни и искрено посакувавме да ни се падне Силекс во 1/2 финалето. Сега нашите шанси се големи да ги израдуваме нашите навивачи со уште едно големо финале – истакна голманот на “штофарите“ Јорде Георгиевски.
Во досегашната кариера “десетката“ на тетовчани се радувал три пати на трофејот од Купот и тоа во три наврати со различна екипа.
– Прво го освоив со Македонија Ѓорче Петров, втор пат со Вардар, а потоа со Работнички. Лесно можеше да се случи да го освојам и четвртиот, но во сезоната кога Металург се закити со златниот медал јас го напуштив клубот на полусезоната. Затоа сега сакам да го сторам тоа со Тетекс – потенцираше Георгиевски.
Сликата за “штофарите“ во првата лига е различна од онаа во Купот на Македонија. “Белите“ минатото коло ја забележаа втората победа сезонава совладувајќи го противникот во 1/2 финалето од Купот, Силекс 2-1.
– Напорно работиме за да излеземе победници од кризата. Пред нас ни престои долга зима во која ќе мораме да се подготвиме многу добро. Другата полуфинална двојка ја сочинуваат два јаки клубови. Затоа ќе мораме прво да се спремиме, да го елиминираме Силекс, а потоа да мислеме за финале. Ако успееме да обезбедиме пласман во разигрувањето за златен медал и ако победникот од Вардар – Шкендија е шампион ние и со пораз ќе обезбедиме пласман во Лигата на Европа.Но тоа не значи дека ќе се задоволиме со пораз во големото финале- заклучи Георгиевски.