Светската економска криза нема да заврши во 2010, ниту во 2011, туку евентуално во 2012 година, смета експремиерот Љубчо Георгиевски, според кого тешката економска состојба е најголемата закана по стабилноста на земјата.
– Во последните неколку месеци се најавуваат нови жаришта и конфликти во светот, што е директна последица на економската криза. Таа силно ќе се чувствува во 2010 година и наредната година и затоа од суштинско значење  е Македонија што поскоро да го реши проблемот со името,  да влезе во НАТО и да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ, затоа што секаде каде што постојат проблеми можна е појава на криза, смета Георгиевски.

Според него во Македонија најитно треба  да се формира Национален економски совет во кој ќе членуваат најдобрите експерти и од власта и од опозицијата и да се подготват мерки за подобрување на крајно неповолната економска состојба во земјата. Тој ја критикуваше Владата за нереално планирање на буџетот, а опасност според него претставува и отворениот конфликт помеѓу неа и гувернерот на Народната банка.

-Собирањето на пари со високи камати од банките за после истите да се трошат како буџетски средства е неодржлива политика и Владата треба што поскоро да го намали сериозно буџетот за да немаме тотална социјална катастрофа во 2010 година. Исто така НБМ под итно да ја напушти политиката чиј единствен репер е дали во времето на Гошев имало или немало девалвација, рече Георгиевски според кого Владата доколку покаже спремност да го намали буџетот ќе има легитимно право да побара и оставка на гувернерто на НБМ.

Георгиевски смета дека треба да се поправи односот кон бизнисмените и да се олабави казнената политика, да се воведе амнестија на парите и итна интервенција во државното здравство и образование на кои им се заканува крах. Поранешниот премиер упати апел државните резерви да се претворат во злато со што според него ќе се заштитат македонските девизни резерви од несфатливите и жестоки промени на курсевите на девизите што прозилегува од економската криза и од  евентуално пропаѓање на светските банки каде се чуваат девизните резерви на македонските граѓани.

Во своето обраќање на седницата на Централниот комитет на ВМРО НП, вчера во Охрид, Георгиевски  предупреди дека доколку и  натаму се игнорираат економските проблеми  сиромаштијата во Македонија ќе се продлабочи, што може да доведе до нова мултиетничка криза.

OhridNews