На денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески, се осврна на заштитата на животната средина и на еколошките стандарди.
- Колекторскиот систем долги години не беше функционален со целиот свој капацитет, а во одредени периоди во годината претставуваше огромен еколошки проблем за Охридското Езеро. Благодарение на посветеноста на Премиерот Зоран Заев и на Владата, веќе се преземени конкретни мерки за решавање на ова горливо прашање, на што сме посебно горди. Донесена е одлука за Формирање на ново Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на Колекторскиот систем, рече Георгиески.
Во насока на заштита на езерото, Георгиески потенцира дека се преземени и конкретни чекори заедно со општините Дебрца и Струга за пренасочување на реката Сатеска во старото корито и дека според најавите, проектот ќе се реализира со средства од европските фондови.
- Исто така започната е постапка за изработка на Студија за валоризација на Студенчишкото Блато, а во тек е подготовка на нов Локален еколошки акционен план на Општина Охрид. За подигнување на капацитетот и подобрување на услугите, за потребите на ЈП „Охридски Комуналец“ набавени се 7 специјални комунални возила, а во соработка со ова претпријатие веќе се преземени конкретни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници согласно сите позитивни законски прописи, додаде Георгиески.
Како што рече, во Предизборната програма има уште многу планови со кои целта е да се придонесе за современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на еден туристички центар.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ информира дека во план е да се следат стандардите за модерно одлагање на отпад во урбаните зони, а ќе се реализираат и проекти за осовременување на примарната селекција на отпадот во домаќинствата.
- Ќе преземеме активности за поставување на нови подземнии прес-контејнери,за кои веќе има утврдени локации. Вложуваме напори за изнаоѓање на Локација за депонирање на градежен шут и цврст отпад со што би се решил проблемот со дивите депонии во околината, особено во делот на Националниот Парк „Галичица”. Планираме опремување на современа Претоварна станица за комунален отпад како и поставување на мерна станица за контрола на квалитетот на воздухот во Охрид. Знаеме дека граѓаните се јасни и сериозни во своите барања за чиста животна средина, одговорно ги слушаме и ги разбираме нивните потреби и посветено работиме да донесеме видливи резултати! Охрид заслужува да оди напред, охриѓани заслужуваат повеќе! На 21-ви април да го избереме бројот 7! Заедно Напред за Охрид!, порача Георгиески.
OhridNews