Охрид пред повеќе од една година, храбро и одговорно одлучи и за градоначалник го избра Проф. Д-р Јован Стојаноски,  кој неизмерно го сакаше нашиот град. Тој имаше безброј идеи и огромна желба за промени, но прераната смрт не дозволи да ги реализира сите започнати проекти. Ветивме дека ние ќе го оствариме неговиот сон, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески.

  • Горд сум  што бев дел од неговиот тим и веќе добро го познавам патот по кој заедно одевме и имавме заедничка замисла да го направиме Охрид поубаво и посакувано место за живеење.Понесен од спомените на едно големо пријателство и братство, почувствував голема морална обврска и мотив да ги вложам сите мои човечки капацитети, сето мое искуство и време за да се борам и да го продолжам она што го започнавме заедно! За доброто на Охрид и за доброто на охриѓани, ние можеме и мораме да ги промениме работите, а за рок од една година достоинствено покажавме и дека знаеме како, додаде Георгиески.

Потсети дека со поддршка на Владата, општина Охрид повеќе го нема огромниот товар од долгови и камати кои со години го кочеа нејзиниот развој.

  • Процесот на раздолжување е во завршна фаза и тоа е еден голем успех за сите нас. Финансиската стабилност ќе овозможи полесно функционирање и подобра иднина за општината, а ќе има повеќе средства за развојни и инфраструктурни проекти. Консолидацијата на јавните претпријатија беше исто така многу важна активност на која бевме многу посветени и со правилно менаџирање успеавме да обезбедиме услови за пораст на приходите и намалување на трошоците, рече кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ.

Георгиески потенцира дека меѓу основните приоритети е да се приспособи целата постоечка урбана и рурална инфраструктура во функција на потребите на граѓаните и дека вотек е реализација на многу идеи и проекти за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина.

Потсети на владина одлука за формирање на новото Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем, на зголемениот број летови од охридскиот аеродром. Како што истакна Георгиески, Предизборна програма е базирана на реални основи и проекции за остварливи проекти кои се од големо значење за охриѓани, но и за туристите кои секојдневно го посетуваат нашиот најголем туристички центар.

Ги повика граѓаните да ја искористат можноста и гласаат за него, како што рече, за подобро утре, подобри услови за живот на нашите деца, за да ја градат својата иднина во родниот град.

OhridNews