Секој глас за мене претставува огромна доверба и е моја основна сила и е поттик за уште поголема демократска борба која ни следува на 31 октомври, истакна кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата Константин Георгиески заблагодарувајќи се на граѓаните кои во првиот круг гласале за бројот 12.

Вториот круг на локалните избори го гледам како нов почеток и моја втора шанса да продолжиме заедно на патот кон просперитетна иднина за нашиот Охрид. Овие два дена преку анализа и реални показатели ги воочив пропустите и ги согледав причините за послабиот резултат во одредени урбани и рурални средини. Пораката од граѓаните е јасна и затоа веќе започнавме интензивна теренска кампања за да стигнеме до секој дом и до секој жител. Потребно е да ги слушнеме сите проблеми, предлози и потреби затоа што до сега покажавме дека сме посветени сите подеднакво, преку чесна и одговорна работа, вели Георгиески

Тој додава дека во животот се соочил со многу потешки ситуации и многу поголеми битки од оваа, но како што вели,е човек кој не се откажува. Георгиески ја побара поддршката од граѓаните и истакна дека ќе го вложи целиот професионален и личен капацитет за градот да остане на вистинскиот пат.

Мораме да застанеме заедно на браникот на вистинските вредности и да не им дозволиме да го запрат започнатиот развој на градот и да ги ставиме во ризик сите резултати кои ги постигнавме. Охрид не заслужува да се врати во рацете на политичари кои ќе работат по диктат на белата палата Мицкоски и Груески кои немаат кредибилитет и на кој им е важен само интересот на партијата, додава Георгиески.

Напомена дека за време на неговиот мандат од две и пол години преку посветена, искрена и чесна работа успеал да реализира многу важни проекти и донел многу важни одлуки за Охрид.

Затоа цврсто ви ветувам дека продолжуваме напред со нови проекти кои се очекувани и потребни. Ве повикувам да останеме обединети и сплотени во борбата за нашиот Охрид, да не се откажуваме и да покажеме дека заедно можеме да донесеме вистински одлуки од кои зависи иднината на нашите деца и внуци, потенцираше Георгиески.

К.А.