Реализиравме многу значајни проекти и во континуитет продолжуваме со важни инвестиции во сообраќајната инфраструктура, напиша на официјалниот фејсбук профил кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески додавајќи дека завршени се сите предвидени постапки за реконструкција на неколку улици.

Сите тендерски постапки се комплетирани и наскоро треба да започнат градежните активности на улицата “Македонски Просветители” за која се одобрени средства од „Проектот за поврзување на локални патишта” имплементиран од Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Светска банка, рече Георгиески.

Додава дека реконструкција е предвидена и за улиците „Будва“ и „Прилепска“, а за кои се обезбедени средства од општинскиот буџет и наскоро треба да започнат градежните работи на терен.

За улицата „Гоце Делчев“ се обезбедени 38.500.000 денари преку Програмата ТАВ за поддршка на инфраструктурни проекти. Со овие средства ќе се изврши целосна реконструкција на тротоарите и коловозот, а за поставување на нова атмосферска канализација се обезбедени средства од буџетот на општина Охрид, вели Георгиески. 

Ние сме сериозно посветени на проектите за подобри услови за живот на сите граѓани и затоа сме убедени дека на 31-ти октомври ќе го изберете најдоброто за Охрид, напиша Георгиески.

OhridNews