Децата треба да бидат наша најголема грижа, затоа посветено и одговорно работиме на проекти за подобрување на условите за згрижување и воспитување на децата во градинките и подобрување на условите за настава во сите општински училишта, вели кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески.

Информира дека веќе се преземени конкретни активности за подобрување на  условите во објектите на градинката „Јасна Ристеска”.

  • Вложуваме максимални напори и работиме на проект за изградба на нова градинка на просторот кај постоечката „Централна градинка” со што ќе се зголеми капацитетот на градинката и ќе се реши долгогодишниот проблем со преголемиот број деца во групите и долгите листи на чекање за упис. Исто така во наредниот период се предвидува и Реконструкција на покривите во објектите„Лихнида” и „Росица”, а планирано е и подобрување на квалитетот на инвентарот во сите објекти од градинката. Со цел да се подобрат условите за рекреација на најмладите во општината, планирана е реконструкција на детските игралишта во дворовите на сите објекти од градинката и веќе постоечките детски игралишта во сите населби, вели Георгиески.

Георгиески додава дека планот е образованието во Охрид да се издигне на нивото кое го заслужува и токму затоа,за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование издвоени се повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра за 2019 година.

  • Предвидена е замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, како и во сите подрачни училишни објекти кои се лоцирани во населбите и селските средини.Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи  инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид. Ние ги разбираме приоритетните потреби на заедницата, ги слушаме барањата на родителите и континуирано работиме на подобрување на условите за живеење, потенцира Георгиески.

OhridNews