Активните напори на Општина Охрид за исполнување на препораките од УНЕСКО беа едни од најважните за вчерашната одлука на Комитетот за светско наследство со која на Охридскиот регион му беше даден уште две години рок за исполнување на препораките од УНЕСКО, истакна денес на пресконференција градоначалникот Константин Георгиески. Тој вели дека најзначајни за ваквата одлука биле преземените активности за уредување на крајбрежјето, отстранувањето на нелегалните објекти и доследното почитување на Планот за управување со Светското природно и културно наследство на регионот. Градоначалникот истакна дека Охрид сега е во многу подобра позиција отколку по сесијата во Баку во 2019 година.

Препораките кои ги имавме во 2017 година и беа на сесија во 2019 година, имавме задолжение да ги завршиме до јули 2020, меѓутоа Реактивната мисија дојде само после шест месеци и извештајот којшто сега беше на разгледување на сесија не ги содржеше сите напредоци во однос на таа временска рамка помеѓу Реактивната мисија и сесијата, така да сега рокот кој го добиваме е многу подобар од тој во Баку затоа што сега имаме цели две години да работиме посветено и одлучно да ги спроведеме препораките. Сите задолженија кои се во надлежност на Општина Охрид ќе ги завршиме. Министерството за култура и за транспорт и врски, ќе треба да ги исполнат исто така препораките кои се во нивна надлежност, истакна Георгиески.

Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност со режимите на заштита ќе бидат отстранети. Досега е расчистена површина од околу 32000 метри квадратни и отстранет бил преку 6000 метри квадратни градежен шут од најатрактивниот дел од крајбрежјето. Георгиески додаде дека активностите ќе продолжат не селективно. Планот за управување со светско и природно наследство и законските процедури, предвидуваат Општина Охрид да спроведе анализа и да усвои конкретен план за идно уредување на крајбрежјето за што ќе бидат консултирани граѓаните, сите туристички чинители и релевантни организации.

Задачи кои се во надлежност на Општината  согласно новите  препораки, се  завршување на процесот за отстранување на нелегалните објекти кои имаат правосилни решенија,  усогласување барем 30 отсто од деталните урбанистички планови во градот со Планот за управување со УНЕСКО и Генералниот план за Охрид. Измената на деветте урбани блока е во завршна фаза во однос на постапувањето по забелешките од комисијата за спроведување на планот за управување, а обврските предвидуваат уште и реажурирање на инвентарот на бесправните градби и следна фаза, после расчистување на крајбрежјето, што би било во 2023 година, е отстранување на нелегално изградените објекти во Националниот парк, изјави градоначалникот Георгиески.

Георгиески на денешната прес-конференција ги повика еколошките организации и останатите критичари на општината, како што ги нарече, да покажат поголема свесност.

 

Да им порачам на сите еколошки организации, поединци, политички партии кои беа наши дежурни критичари и секојдневно отвораа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес на којшто е посветена Општина Охрид, рече Георгиески.

Според градоначалникот многу е важно сите институции да постапуваат според своите надлежности, вклучително и тие на државно ниво. Додаде дека сега и комуникацијата со државните институции е на повисоко ниво, како и комуникацијата помеѓу локалната и централната власт.

Кристина А.
Фото: А.Момироска