Денешната консензуална одлука на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО за Охридскиот регион е вистинска потврда за нашите досегашни заложби, во исполнувањето на дадените препораки, напиша градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, на официјалниот фејсбук профил.

Ова особено се однесува на успешните и сериозни активности кои Општина Охрид ги реализираше во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство. За мене оваа одлука е нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија, кои ќе значат зачувување на статусот на светско наследство, што веќе 40 години го поседува овој регион. – напиша на Фб Георгиески.

Тој упати благодарност до Комитетот за, како што наведе, дадената шанса, со уверување дека градот ќе ги вложи сите напори за да покаже дека знае да го чува и да се грижи за непроценливото богатство кое го има.

OhridNews