„Речиси три децении Охрид е жртва на несоодветно и на несовесно владеење на сите нивоа. Од монета за поткусурување помеѓу политичките елити на централно ниво, до жртва на лукративните интереси на локални политички и бизнис моќници. Резултатот е катастрофален на повеќе нивоа“, пишува на својата фејсбук страна градоначалникот Константин Георгиески, воочи стартот на 43. сесија на Комитетот за културно наследство, што почнува денес во Баку, Азејберџан.
- Состојбата со урбанизмот и дивоградбите е алармантна. Ова не е ништо ново. Нов е само пристапот кој што ние како нова администрација во општината го преземаме за справување со овој комплексен урбанистички, политички и општествен проблем. Пристапот за кој зборувам е системски и сеопфатени со вклучување на соодветните институции и сите останати засегнати страни, вели Георгиески.
Градоначалникот потенцира дека општина Охрид за првпат во историјата, и единствена во државата, во согласност со препораките на УНЕСКО направи Регистар на нелегални градби. При тоа, идентификувани се 1,076 предмети за кои е констатирано прекршување на законот за градење. Од нив, фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас.
- Справувањето со овој комплексен проблем не може и нема да се случува на прес конференции и соопштенија, туку преку неуморна и посветена работа. Општина Охрид како најзасегната и најзаинтересирана ја презеде водечката и координативна улога во овој долгорочен и макотрпен процес. Во него, секој, без исклучок, ќе сноси одговорност за постапувањето и непостапувањето независно дали се работи за сторители на прекршоци или институции кои не постапувале соодветно. На увид целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки, потенцира Георгиески.
Градоначалникот додава дека Охрид е македонско и светско културно наследство и дека со поддршка на Владата и во тесна соработка со УНЕСКО се преземаат активности базирани на стратешки пристап и со реално остварливи цели.
- Заминувам во Баку на 43-тата Сесија на Комитетот за светското наследство каде ќе го презентирам планот и веќе преземените мерки за заштита и унапредување на статусот на Охрид како Светско културно наследство. Напоменав и уште еднаш потенцирам дека ништо нема да се случи преку ноќ ниту пак ќе биде едноставен овој процес. Ги повикувам јавно, сите политички чинители, граѓанскиот сектор и медиумите активно да се вклучат во овој процес. Сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид, туку и функционалноста на политичкиот систем во државата, наведува во својот став градоначалникот Георгиески.
Градоначалникот Георгиески е дел од официјалната владина делегација која присуствува на 43. сесија на Комитетот за културно наследство, што почнува денес во Баку, Азејберџан. На овој состанок се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година.
OhridNews