Општина Охрид постапува во согласност со законот при уривањето на објектите на плажите на Охридското крајбрежје и никој нема да биде иземен, истакна во изјава за медиумите градоначалникот Константин Георгиески.
Апсолутно не е точно дека има селективност, ние одиме по соодветна динамика, сите тие објекти на плажите на коишто им се истечени договорите ќе бидат отстранети. – дециден е Градоначалникот.
Запрашан дали активностите на охридските плажи ќе завршат до почетокот на сезоната, Георгиески рече дека општината ќе добие дополнителна поддршка во механизација од државата, со што навремено ќе биде завршено отстранувањето на објектите од плажите на кои им се истечени договорите за закуп.
Имавме разговор со директорот на Македонија пат, затоа што со одлука на влада тие се задолжени да ни испратат дополнителна механизација и ќе го завршиме сето тоа до 15 – 20 јуни. – најави Георгиески.
Градоначалникот потенцира дека на сите закупци на плажи им се истечени договорите за концесија и никој од нив ова лето не смее да продолжи со работа
Ниту една плажа со истечен договор не смее да обавува дејност, затоа што станува збор за узурпација на државна земја и стекнување на противправна корист и ние како општина тоа нема да го дозволиме. – додаде Георгиески.
Г. Момироски