Реконструкцијата на Кејот „Македонија“ во Охрид ќе почне напролет идната година. Станува збор за поголем инфраструктурен проект чија реализација ќе трае најмалку една година, што налага градежните активности на терен да се одвиваат постапно по етапи. Тоа денеска го најави градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, по одлуката на Владата да одобри средства за таа намена. Почетно се обезбедувајќи 38 милиони денари.
Станува збор за средства обезбедени преку пренамена на средствата предвидени за проектот за изградба на карго-аеродромот во Штип, односно за финансирање инфраструктурни проекти во земјата, за кои аплицираше и Општина Охрид со проектот за реконструкција на Кејот.
За реконструкцијата на Кејот е обезбедена целосна документација, одобрение за градба со поминати сите соодветни постапки, јавна анкета, евалуација за влијание врз животната средина, појасни Георгиески.
Проценетата вредност на целиот проект изнесува 90 милиони денари. Засега се обезбедени посочените 38 милиони, а како што рече тој, во тек е постапка и преговори со Владата за обезбедување на дополнителните 45 милиони денари за заокружување на проектот.
Новиот Кеј нема да може да биде завршен за 12 месеци, така што независно кога ќе се отпочне со негова реализација една сезона ќе мора да се мине со градежни активности. Реконструкцијата ќе се одвива во фази, нема да биде целиот Кеј раскопан, ќе се работи на одредени делови додека другите делови ќе бидат слободни, рече Георгиески.
Реконструкцијата предвидува целосно уредување на Кејот „Македонија“ во должина од 992 метри на крајбрежниот дел во градската зона. Во рамки на реконструкцијата ќе биде изведена заштитна потпорна конструкција, а предвидено е отстранување на постоечките бекатон плочки и поставување на слој од полупропусен цемент, врз кој ќе бидат поставени гранитни плочи.
Проектот за обнова на Кејот вклучува и замена на канделабрите и на клупите за седење. Целиот Кеј е планиран да биде партерно и хоритикултурно уреден. Со реконструкцијата Кејот ќе добие нов и урбан лик, а градот ќе добие јавни површини достојни за културен и туристички центар каков што е Охрид.
Со овој проект за реконструкција не е опфатено Старото пристаниште што е исто така во мошне лоша состојба. Георгиески истакна дека за негова реконструкција ќе мора да биде направен друг проект и тоа прашање да се решава дополнително.
OhridNews