Во седиштето на Светската организација за заштита на природното и културното наследство УНЕСКО во Париз, делегација од нашата земја во која е и градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, денеска ќе поднесе извештај за напредокот во справувањето со нотираните проблеми кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охрид, поради кои на градот и регионот им се заканува опасност да бидат ставени на листата на загрозени подрачја.
Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година нотираше 19 забелешки, меѓу кои се и донесување на Планот за управување со Охридскиот регион, справување со дивоградбите, решавање на проблемот со дивоградбите… На состанокот на Комитетот за светско наследство што се одржа минатиот јуни во Баку, Азербејџан, Охрид побара и доби од УНЕСКО дополнителен рок до февруари 2020 година да постапи по забелешките.
Претходно, државата се откажа од изградбата на инфраструктурните проекти во заштитените зони на Националниот парк Галичица (ски центар, екпсресен пат, туристички развојни зони) и го презеде управувањето со колекторскиот систем. За таа цел формирано е ново државно јавно претпријатие, кое ќе биде оперативно по донесување на ребалансот на буџетот во октомври. Најавено е дека веднаш ќе се отпочне со санација на дотраениот колектор, како и доизградба на системот.
Општината донесе Акциски план, изготви Регистар на дивоградби и почна акција за нивно отстранување. Угостителите и закупците на плажите, пак, почнаа сами да ги отстрануваат платформите во Охридското Езеро. Според евиденцијата на општината во заштитените зони има над 400 дивоградби.
На состанокот во Париз покрај извештајот, општината ќе се консултира со стручните тела на УНЕСКО и за идните инфраструктурни проекти во крајбрежјето, како што е изградбата на кејот. Според градоначакникот Георгиески во минатото имало недостаток на комуникација помеѓу институцитте во земјава и УНЕСКО, и дека сега тој проблем е надминат.
Г.М.