Кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата, Константин Георгиески во рамки на предизборната кампања денес истакна дека како локална власт биле посветени на подобрување на комуналните услови и инфраструктурата со инвестиции во сите делови на градот.

Со изградба на новата улица на потегот на поранешната касарна „Михајло Апостолски“ од пресекот со улица „Кленоец“ до улица „Радојва Новичиќ“ значително ги подобривме условите за безбеден сообраќај и поврзаност на жителите кои живеат на овој дел на градот. Улицата е изградена по сите стандарди за безбеден сообраќај. На овој потег беше изградено ново баскет игралиште, а од неодамна беше поставено и ново детско игралиште, истакна Георгиески 

Тој од пред поранешната воена касарна „Михајло Апостолски“ најави имплементација на идејно решение за изградба на нов атрактивен комплекс „Градски парк Касарна“.

Планирано е уредување на ново зелено подрачје со нови пешачки патеки, урбана опрема, цветни леи и фонтани. Планирано е да биде засадено ново нискостеблесто зеленило и да бидат подигнати нови дрвореди. Во рамки на паркот ќе биде поставено ново осветлување, игралиште со детски реквизити, летниковци и други интересни содржини. За овој потег предвидена е и изградба на нова спортска рекреативна инфраструктура со што Охрид ќе добие современа спортска зона и подобри услови за спортување. 

Георгиески додаде дека  за проектот за изградба на адреналински парк со сите забавни содржини за деца и возрасни веќе се одобрени средства. Предвидена  била и изградба на нова памп трака за велосипеди, ролери и скејтери, уредување на современ голф терен како и нова трим патека.

 

 

К.А.