Дојдовме до денот на конечна одлука, дојдовме до крајот на кампањата за Локалните избори 2021 година. Храбро работевме во интерес на Охрид и охриѓани и нашите резултати се видливи. Секојдневно ги гледате нашите резултати и резултатот на работата на оваа локална самоуправа. Времето беше кратко. Имаме уште многу проекти кои се подготвени за реализација, рече во завршното обраќање од кампањата за изборите, кандидатот од СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески.
Во недела на 31 октомври да се обединиме кон просперитетното, кон најдоброто, кон реализација на проекти кои што се видливи и реални, а не кон гаранции кои што се фиктивни. Луѓе кои немаат визија и немаат однос кон легализмот и кон владеењето на правото, не заслужуваат да го водат нашиот град. Охрид е светско, природно и културно наследство. Охрид е наша светост. Наш дом. Мој дом, ваш дом. Дом на сите нас. Дом на нашите предци, но и на идните генерации. Да излезем заедно обединети и да го продолжиме патот којшто го зацртавме. Борбата за Охрид ќе продолжи, ќе ја водиме заедно и повторно ќе извојуваме победа, рече Георгиески.
Додаде дека во однос за работата и градењето како во училиштата, така и во инфраструктурата и во рураните средини, одржале вистинска лекција како се работи и како се сака својот град.
Денес започнавме со реконструкција на улицата „Прилепска“, следува реконструкцијата на улицата „Будва“, катната гаража е во постапка за одобрение за градба, улицата „Македонски Просветители“ е со потпишани договори со изведувачите и може да се започне со градежни активности во секој момент. И уште многу други проекти имаме подготвени за работа, додаде Георгиески.
Георгиески потсети на процесот на раздолжување на општината, на реализираните инфраструктурни проекти, инвестициите во образованието, потенцирајќи го и проблемот со УНЕСКО и препораките, но и резултатот на заложбите, Охрид и ден денес да е на листата на светско и природно културно наследство на УНЕСКО.
Н.С.Ј.