Откако помина речиси целата кампања пред вториот изборен круг, господинот Кирил Пецаков се одважи и конечно призна дека неговиот план е Охрид да го врати назад во  минатото и дека ќе биде слуга на личните и бизнис интереси на поединци, вели кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески.

Пецаков јасно кажа дека планира да ги поништи сите наши досегашни заложби, големата посветеност, исполнувањето на препораките и почитувањето на законите, поради кои Охрид го зачува статусот на УНЕСКО. Пецаков, заедно со криминалното ВМРО ДПМНЕ има намера повторно да го издава под концесија најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на нашето Охридско Езеро, вели Георгиески.

Како што вели Георгиески, планот од Пецаков е повторно да ги даде плажите на бизнис структурите и да го врати концептот на стопанисување со крајбрежјето кој нанесе  огромни штети на светското, природно и културно наследство со кој располага овој регион.

Не ми е јасно како Пецаков како поранешен советник, пратеник и кандидат за градоначалник кој сака да управува со град како што е Охрид покажа тотално не познавање на законите, го нема прочитано Планот за управување со светското, природно и културно наследство со УНЕСКО и не му се важни препораките од УНЕСКО. Не можам да поверувам дека за ситни политички поени, за наклонетост и политичко агитирање веќе има склучено непринципиелни договори за да ги задоволи апетитите на одредена бизнис фела и се расфрла со неостварливи ветувања. Не можам да поверувам дека гази врз природата и врз сите правни норми, дека повторно сака да ги одземе плажите од граѓаните и да ги врати во рацете на профитери, вели Георгиески.

Тој ги повика охриѓани во недела гласот да го дадат за него, потенцирајќи дека за разлика од неговиот политички опонент не нуди нереални ветувања, туку сериозен концепт со кој општината ќе ги уредува и ќе стопанисува со плажите кои ќе бидат јавни и достапни за сите и најави остварување на замислата Охрид конечно да добие уредени градски плажи по сите современи текови и еколошки препораки.

Да не дозволиме Охрид да падне во рацете на луѓе кои имаат капацитет само да глумат во видео спотови кои го сквернават нашиот Охрид, да не дозволиме Охрид да им припадне на учениците на Груевски, кој имаше планови да го распродава крајбрежјето на белосветски криминалци од Индија, кој планираше да гради парапети околу езерото, да носи морска песок на плажите и кој со неплански концесии на крајбрежјето, нанесе голема штета на охридскиот туризам, заклучи Георгиески.

К.А.