Охриѓани вчера уште еднаш ја покажаа и ја потврдија својата одлучност за подобра иднина на нашиот град, вели во своето обраќање до охриѓани кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески.
- Имавме исклучително мирни, фер и демократски избори, на кои јасно беше изразена волјата на граѓаните. Големата предност која ја имаме, од над 2400 гласови, е сигурен сигнал дека само заедно можеме и мораме да продолжиме напред, вели Георгиески.
Им изразува благодарност на сите што го поддржале него и Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата и се надева дека поддршката ќе биде помасовна и поголема и за две недели, на 5-ти мај, во вториот изборен круг.
- Имаме реални планови за доброто на сите граѓани, ги препознаваме приоритетите за развој на Охрид и цврсто сме определени да одиме напред, да работиме посветено за да ги постигнеме и реализираме сите зацртани цели во нашата Предизборна програма! Охрид има огромни потенцијали, но само низ заедничка соработка може да го направиме посакувано место за живеење и светска туристичка дестинација! Само заедно со вас и со вашите предлози може да постигнеме многу! Нашата намера е чесна и препознаена!, порачува Георгиески.