„Доколку кај Али Пашината џамија се одвиваат незаконски градежни работи, надлежните органи треба да постапат и ја увидат состојбата во однос на целата документација“, вели вд градоначалникот Константин Георгиески, коментирајќи за случувањата околу реставрацијата на овој споменик на култура што се наоѓа во охридската чаршија.

Георгиески потенцира дека по ова прашање треба доста внимателно да се постапува и разгледува со оглед на тоа дека станува збор за верски објект, заштитен и прогласен за културно наследство.

  • Ценам дека градежните активности кои таму се одвиваат треба да бидат под лупа на јавноста, сите заинтересирани страни треба во една отворена, јавна, јасна и транспарентна постапка да ги согледаат фактите во однос на дејствијата кои таму се одвиваат и јавноста да биде запознаена, вели Георгиески.

ВД градоначалникот информира дека остварил средби со претставници на граѓанското здружение „Совест“ и од охридското муфтивство, кои се со спротивставени ставови.

  • Јас како вд градоначалник, во случајов сум само еден вид медијатор помеѓу сите страни, а институциите треба да постапат и да ги утврдат фактите, вели Георгиески.

Од граѓанското здружение „Совест“ побараа надлежните институции да се произнесат по ова прашање до понеделник. Ги повикаа Управата за заштита на културно наследтво, МВР, Јавното обвинителство и Завод и Музеј Охрид да го изнесат својот став. Доколку тоа не се случи најавуваат  мирен граѓански протест како израз на незадоволство, како што велат, за незаконието и непоправливата штета која му се нанесува на Охрид.

Конзерваторското решение за ревитализација на Али Пашината џамија  издадено во 2016 година, за кое ЗГ „Совест“ тврди дека сега не е во важност, предвидува изградба на минаре високо 32 метри.

OhridNews