Најавените концерти закажани во наредните денови, кога се очекува туристичката сезона да го достигне својот врв, а Охрид да биде исполнет со голем број гости, може да предизвикаат несакани последици доколку организаторите на настаните немаат капацитет истите да ги реализираат според препораките на Комисијата за заразни болести и Општинскиот кризен штаб, предупреди денеска во изјава за медиумите градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Тој рече дека најголемиот проблем во моментот за сите надлежни институции се најавите за организација на бројни музички настани на повеќе локации на отворено, за кои има голем интерес од страна на туристите.

Кризниот штаб на Општина Охрид упати препорака до организаторите да не ги организираат и одржуваат настаните доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на Протоколот за начинот и условите за организација на настани, кој го донесе Владата. Исто така Кризниот штаб упати и апел односно препорака и до сите сопственици на локации на кои се закажани овие настани, да не ги изнајмуваат локациите за организација на настани од масовен тип, доколку не постојат услови за почитување на одредбите од овој Протокол. – рече Георгиески.

Во моментов ЈП „Билјанини Извори“ има евидентирано резервација на два термини за одржување на јавни музички настани на Градскиот стадион на 7-ми и 8-ми август од страна на една музичка продукција. Просторот на градскиот стадион ќе биде изнајмен и настаните ќе се одржат, само доколку се утврди дека продукцијата ги поседува сите капацитети за да може да го испочитува во целост претходно споменатиот Протокол, дециден е Георгиески.

Истото се однесува и на просторот во поранешната касарна. Во моментот немаме издадено дозвола за одржување на концертите на оваа локација иако менаџерските куќи ги промовираат настаните и термините за одржување. Значи нема да биде издадена дозвола за користење на просторот, доколку организаторите не ги поседуваат сите капацитети утврдени во одредбите од Протоколот. – додаде Георгиески.

Градоначалникот појасни дека Општина Охрид не е надлежна за останатите јавни локации во Охрид каде што се закажани концертни случувања и други настани на отворено и единствено може да апелира за почитување на пропишаните мерки за заштита, изјави градоначалникот Георгиески.

Охрид како најголем туристички центар во нашата држава, ние како охриѓани, сите туристички чинители, ова лето се соочуваме со еден од најголемите и најспецифични предизвици, а тоа е заштита и превенција од Корона вирусот „Ковид 19“ за време на туристичка сезона. На една страна е приоритетот за заштитата на здравјето на граѓаните, а од друга страна се економските аспекти и бенефитот за туристичкиот сектор, кој претрпе најголеми загуби поради актуелната здравствена криза. Иако постојат јасно дефинирани Протоколи за работа на сместувачките капацитети, угостителските објекти и плажите, кои ги донесе Владата по предлог на Комисијата за заразни болести, најголемата заштита единствено може да се темели само на поединечната одговорност на граѓаните во делот на почитување на сите пропишани мерки за заштита. – рече Георгиески.

Наредните неколку денови сите надлежни институции на централно и на локално ниво ќе делуваат координирано и ќе ги вложат сите напори за почитување на законските прописи и протоколите за заштита од Корона висусот „Ковид 19“. Со цел да се зголеми почитувањето на мерките за заштита од Корона вирусот „Ковид 19“, Општина Охрид денеска ќе започне кампања за подигање на јавната свест кај посетителите. Веќе се подготвени промотивни флаери, кои ќе се делат на повеќе јавни локации.

Г.М.