Со пригодни настани и обраќања и полагање цвеќе пред спомен обележјата на македонските херои, Охрид денеска го одбележува 23 октомври- Денот на македонската револуционерна борба.

По тој повод градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески упати честитка до граѓаните:

Чествувајќи го денешниот ден како држава и нација го славиме делото за слободна, самостојна и суверена држава. Со својата пожртвуваност македонските револуционери Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи-Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев станаа основоположници на македонската држава која преку Илинденското востание, а потоа и НОБ и 8 –ми Септември се надградува и осовременува.

Делата на македонските револуционери оставиле неизбришливи траги во македонската историја и се основата на сите подоцнежни триумфи и победи .Славејќи ја нивната пожртвуваност за слобода и независност, уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ продолжува да чекори напред. Нивните дела не поттикнуваат, да ја градиме нашава слободна, суверена и самостојна земја како економски просперитетна држава која се стреми да биде рамноправна единка во големото европско семејство.

Нека е честит 23 октомври-Денот на македонската револуционерна борба! – стои во празничната честитка на градоначалникот Георгиески.

По повод 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба, делегација на Општина Охрид, положи свежо цвеќе пред спомен обележјата на револуционерите  во градскиот парк.

Пред спомен обележјата на великаните се поклонија и претставници од Сојузот на Борците од НОБ и други.

OhridNews