Досегашниот градоначалник на Општина Охрид Константин Георгиески упати честитки до Кирил Пецаков за изборот за нов градоначалник. Тој му посака добро здравје и успех во работата. Се заблагодари на сите граѓани кои гласале за бројот 12 на Локалните избори. Истакна дека како локална власт решавале крупни проблеми, а зад себе оставаат проекти кои се подготвени за реализација.

Ми беше чест во овие две и пол години да им служам на граѓаните на Охрид. Решававме навистина крупни и големи проблеми, изработивме големи проекти кои ќе останат зад нас, а оставаме и проекти кои што се подготвени за реализација како „Македонски просветители“, катната гаража, плоштадот „Чинар“ и ред други, истакна Георгиески. 

Тој додаде дека со вчерашниот ден завршува неговиот политички ангажман и во иднина останува посветен на професијата како доктор.

К.А.