Кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески најави продолжување на проектите за подобрување на образовните услови во градот по теркот на изминатите две години, во кои како што вели, се реализираше амбициозна програма и се подигна образованието на многу повисоко ниво.
Нашите деца и внуци со децении наназад учеа во училници во коишто имаше провев од сите страни во кои прокиснуваа таваните, подовите се распаѓаа, а наставата се одвиваше во објекти во кои немаше инвестирано ни еден денар. Преку посветена работа и голем ангажман значително ја променивме таа пракса. Поставени се нови покриви во пет училишта, инвестирано е во нови фасади, нова дограма, извршена е промена на подови, реконструкција на тавани, ѕидови и санитарни јазли. – истакна на прес-конференција Георгиески.
Георгиески како пример за досегашната работа на Локалната самоуправа предводена од него, го посочи ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ каде се реализирани нови инвестиции и изградена е нова спортска сала по сите стандарди. Тој најави нови проекти во образованието доколку добие уште еден мандат.
Предвидуваме изградба на нови објекти на основните училишта Григор Прличев и Братство Единство, комплетна реконструкција на гимназијата Св. Климент Охридски по примерот на ОЕМУЦ Св. Наум Охридски, проекти за поддршка на дуалното образование, иницијатива за отворање нови паралелки во медицинските струки и други инвестиции.
Георгиески потенцираше дека целта е Охрид да биде град со најдобри стандарди во образованието во државата, за што ќе се продолжи со инвестиции во сите училишта и ќе се работи на приоритетни потреби. Најави реконструкција на објектите и набавка на училишна опрема за сите основни и средни училишта, услови за воспитување и образование во сите делови на градот и квалитетно образование достапно за сите.
К.А.