Американски и германски геолози тврдат дека го идентификувале точниот датум на смртта на Исус Христос врз основа на анализата на сеизмичка активност во Мртвото Море, пренесува во петокот РИА Новости, повикувајќи се на агенцијата KAI.

Џеферсон Вилијамс од организацијата Supersonic Geophysical заедно со колеги од германскиот Центар за геолошки истражувања, Маркус Шваб и Ахим Брауер, велат дека распнувањето и смртта на Исус Христос на крстот се случило во петок, на 3-ти април 33 од нашата ера.

„Макфакс“ пренесува дека истражувачите ги споредувале сеизмичките податоци со текстот од Новиот завет, и астрономските набљудувања. Хронологија на земјотресите во областа на Мртвото Море покажала дека тоа подрачје, коешто се наоѓа на околу 20 километри од Ерусалим, било особено сеизмички активно во 31 година пред нашата ера, како и меѓу 26-та и 36-та година по Христа. Вториот земјотрес се случил во периодот кога римски прокуратор на Јудеја бил Понтиј Пилат. Смртта на Исус во тој период ја потврдуваат четирите Евангелија и текстовите на римскиот историчар Тацит Римјанинот.

Вилијамс објаснува дека темнината опишана во Евангелијата што следела по смртта на Христос, била всушност прашина носена од ветерот, појава што не ее невообичаена во оваа област.

OhridNews
извор:„Макфакс“