Претседателот Стево Пендаровски, преку видео порака се обрати на виртуелната комеморативна церемонија, што по повод 2-ри август, Европскиот ден за сеќавање на холокаустот врз Ромите и Синтите, се одржа во организација на Централниот совет на германските Синти и Роми и Асоцијацијата на Роми во Полска, во соработка со државниот музеј Аушвиц-Биркенау.
Денес се сеќаваме на еден ужасен датум од историјата, кога околу 4300 Роми и Синти бea убиени во нацистичкиот логор Аушвиц-Биркенау за време на Втората светска војна. Таа мрачна идеологија овозможи да се случи најголемото зло во историјата, што предизвика загуба на милиони човечки животи, меѓу кои и околу 500.000 Роми и Синти од Европа и Балканот, оистакна во видео пораката претседателот Пендаровски
Тој изрази загриженостза актуелни појави во современите општества кои и натаму поддржуваат исклученост на дел од етниките заедници.
Иако годинава одбележуваме 75 години од победата над фашизмот, загрижуваат некои актуелни факти и настани кои ги оживуваат историските неправди кон Ромите. Зголемениот интензитет на расизам, антициганизам, дискриминација и говор на омраза кон припадниците на ромската заедница и понатаму ја поддржуваат нејзината исклученост, некаде дури и изолираност од останатите заедници. Предрасудите и стереотипите поврзани со нивната етничка припадност остануваат главната пречка за еднаков третман во остварувањето на основните човекови права и слободи. Негирањето на геноцидот врз Ромите и Синтите, освен што ја рециклира еднаш нанесената неправда, ја спречува и можноста да учиме едни од други, едни за други, и заеднички да градиме меѓусебна доверба, почит и разбирање.
Современите општества не смеат да дозволат ваквите појави, за кои што нема никакво морално и етичко оправдување, да бидат поважни од европските вредности и вредностите воопшто на едно современо демократско општество. Кај денешните генерации е одговорноста да создадеме отворени општества во кои секој поединец, без разлика на полот, возраста, етничката припадност, религиозното убедување или бојата на кожата, ќе има право на достоинствен живот. – порача Пендаровски.
Претседатеот истакна дека геноцидот врз Ромите и Синтите во Европа и на Балканот за време на Втората светска војна не смее да се заборави. Личните сведоштва на преживеаните, нивните страдања, загуби и претрпени трауми треба да ни бидат предупредување да се заложиме тој страшен период од историјата никогаш да не се повтори, никаде во светот, додаде тој.
Единствениот возможен пат кон развој и просперитет на нашите општества е преку промовирање на човековите слободи и права, солидарноста, хуманоста и меѓусебното почитување. – истакна Пендаровски.
OhridNews