Во вечерните часови на 16 јуни, прекрасниот амбиент на Ресторанот “Света Софија” во Охрид беше собирно место на средовечни луѓе кои славеа 40 години од својата матура. Без луксуз и гламур, едноставни, расположени и подготвени да се потсетат за средношколските денови кои нераскинливо ги поврзаа за цел живот, четириесеттина “матуранти”, за право повеќе “матурантки” се дружеа неколку часа во пријатна атмосфера. Ни случајните минувачи, посебно странците, не останаа рамнодушни на прекрасната гледка, разиграни, распеани, другарски прегрнати, ни стари ни млади, едноставно “школски” …
Да, тоа бевме ние, првата генерација на Гимназијата со економски паралелки “Климент Охридски” од Охрид и славевме 40 години од нашата матура. Најмногу бевме оние кои и сега живееме во Охрид, но имаше дојдени и од повеќе други градови на Македонија и пошироко, па ова беше одлична можност за поединечни необично пријатни средби после повеќе години.
Ансамблот “Билјана” беше задолжен да ја надополни прекрасната атмосфера со богатиот репертоар на музика од повеќе жанрови. Се нижеа и народно и забавно и хумористично. Почнуваше едно оро, потоа паралрлно уште едно, па ќе се здружеа двете во едно, па ќе излезеше пред “Света Софија” и низ другата сала повторно назад: од прва година во две посебни училишта, Гимназија “Климент Охридски” и Економско училиште со гимназиски паралелки “Мите Богоевски”, до заеднички класови во трета година во Гимназија со економски паралелки “Климент Охридски”, заедничка матура и матурска вечер. Тоа е генерацијата која матурираше во 1971/72 година. Голем број од тие матуранти завршија факултети и високи школи, многумина беа или се основоположници на значајни стопански објекти и носители на важни функции, станаа лекари- специјалисти, туристички работници, ценети наставници и професори, солидни архитекти, адвокати, инженери, економисти, правници, сметководители, книговодители, администрататори, менажери, научни работници…Некој повеќе, некој помалку се снајдоа во транзициониот долг педиод на нашата реалност, но сите останаа со ” бел” образ, се трудат со многу напор и мака да обезбедат егзистенција за своите семејства.
Без претензија да издвојуваме некого по ниту еден критериум ќе ја цитираме нашата соученичка Маргарита Каровска, доктор по астрофизика, долг период работно ангажирана како светски познат астрофизичар во Harvard-Smithsonian Center for Astrophysics , во САД, која заради работни обврски не можеше да го продолжи својот престој во Охрид и да присуствува на прославата: “ Животот е исполнет со препреки и тешки ситуации, но со Божја сила, мораме на генерациите кои доаѓаат да им помогнеме да бидат оптимисти!”.
“Едно видување- еден век!”, рекле старите и искажале голема мудрост. Средбите со сокласниците, соучениците прават да сме побогати за многу животни приказни, не враќаат во минатото, ни кажуваат за сегашноста и ни даваат сила за иднината.
На следното видување, по една, пет или десет години, да бидеме помногубројни и побогати со повеќе наши наследници во секој поглед.
Виолета Карадимче Јанева
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.