Во издание на МАНУ, е објавен најновиот роман на Луан Старова “Генералот и пеперугата”, на 754 страници, со предговор на нашиот познат филозоф и писател Ферид Мухиќ, додека главен уредник е академик Георги Старделов.
Ова, најново дело на Старова, е вон повеќетомната „балканска сага’’, со која авторот постигна видна афирмација во земјата и светот. Како мото, во романот не воведува мислата на Ромен Ролан: “пред бездната на смртта беше спасен од крилјата на пеперугата”.
Тематиката од Првата светска војна, релативно ретко се третира во балканските литератури, а посебно во македонската, ако се изземе извонредниот роман на Петре М.Андреевски Пиреј, како и помал број дела од други автори. Старова настојува низ поширок романескен зафат, да проникне во судбината на Македонија и нејзиното поблиско опкружување во текот на Големата војна, еден од најголемите воени судири на човештвото.
Посебно e за одбележување и поговорот кон “Генералот и пеперугата”, од Ферид Мухиќ.
Воден од незапирливиот интуитивен – внатрешен глас! – дека на сртовите на планината Галичица ќе го најде мистериозниот примерок на легендарниот, речиси митолошки вид пеперуги, во својот научнички занес германскиот генерал Фриц Дагмар го игнорира фактот дека токму тука е поставена линијата на разграничување на фронтот; ја пречекорува оградата од боцкав тел, на која ја здогледал бараната пеперуга, и трча по неа влегувајќи на територијата зазедена од француската армија. Успева, на своја огромна радост, да ја фати мистериозната пеперуга, но не успева, на негова жалост, да им избега на војниците од француската гранична патрола. – ќе напише во погоговорот Ферид Мухиќ.
Мухиќ ќе апострофира дека, благодарејќи на оваа брилијантна драматуршка инверзија, романот “Генералот и пеперугата” прераснува во вистинска енциклопедија на хуманоста, во која идеите и концепциите карактеристични за времето (Првата светска војна) во кое се случува дејствието на романот вонредно успешно, што значи дискретно и ненаметливо но суверено и уверливо, се надоврзуваат на современите научни сознанија и актуелните состојби во светот.
Веле Митаноски