Генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи од вчера до 30 јули престојува во официјална посета на Република Македонија.
Рифаи ја реализира посетата на покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски, со кој ќе се сретне во вторник.
Предвидено е Рифаи да се сретне и со премиерот Никола Груевски и да му предаде отворено писмо од кампањата на Светската туристичка организација „Глобални лидери во туризмот“, со кое се повикуваат шефовите на држави и влади да ги промовираат вредностите на туризмот при неговото унапредување и развој.
Генералниот секретар Рифаи ќе оствари повеќе средби со претставници од надлежните институции во областа на туризмот, а според најавите ќе го посети и Охрид, при што ќе реализира средба со претставници на општината.
Рифаи во Охрид ќе го посети Факултетот за туризам и угостителство каде ќе одржи предавање на тема „Туризмот и образованието“. На предавањето ќе учествуваат професори, студенти, претставници на хотели и други заинтересирани лица кои работат во областа на туризмот. Секако поканети се и сите медиуми.
Со Стопанската комора за туризам на Македонија ќе бидат потпишани и Заложбите на приватниот сектор кон Глобалниот код за етика во туризмот на Светската туристичка организација.
OhridNews