Во Грција од денеска во тек е 48 -часовен генерален штрајк, додека парламентот дебатира за новата рунда мерки за штедење кои ова тело треба да ги усвои најдоцна утре, јавува „Макфакс“.

Штрајкот го свикаа грчките синдикати, бесни поради новата програма за штедење која на земјата треба да и донесе 40 милијарди долари и која предвидува даноци и за оние кои имаат минимални плати, како за другите категории на сиромашни Грци. Овие мерки следуваат по неколку месечните кратења во речиси сите сектори, поради што невработеноста во земјата се искачи на 16 проценти.

„Овие мерки се масакр на правата на работниците и животот на работниците во Грција ќе се претвори во пекол“, вели Танасис Пафилис, парламентарец од редовите на грчката Комунистичка партија.

На демонстрантите ќе им се придружат лекарите, возачите на брзата помош, новинарите, па дури и актерите од државните театри. Канцелариите на јавната администрација, како и банките, во текот на наредните 48 часа ќе бидат затворени, болниците ќе работат со намален персонал и само за итни случаи.

Трамваите и автобусите во Атина нема да сообраќаат, но вработените во метрото во Атина им се приклучија на другите вработени во подземната во нивната одлука да не штрајкуваат „за да им овозможат на Атињаните превоз до местата каде што ќе демонстрираат“.

Контролорите ќе ги приземјуваат авионите секој ден додека трае штрајкот, од осум часот наутро до пладне и од шест часот до десет часот попладне.

Штрајкот почна на еден ден откако француските банки објавија дека ќе ги продолжат роковите за наплата на грчките хартии од вредност, што е дел од пошироките европски обиди да се спречи пропаста на Грција.

OhridNews
извор: „Макфакс“