Утрово во 8:30 ч. вработените во правосудните органи и јавните обвинителства во целата држава стапија во генерален штрајк. Тие бараат зголемување на платите, почитување на Колективниот договор во делот на исплатата на надоместоците од плата и враќање на поранешното работно време, од седум часот и 30 минути до 15 часот и 30 минути.

Штрајкот како што најави синдикатот на УПОЗ ќе трае три дена, во текот на работното време од осум часот и 30 минути до 16 часот и 30 минути, и ќе се одвива во работните простории. Ќе се извршуваат само притворските предмети, тестаментите, предметите со странски елементи и привремените мерки.


незадоволна: судската администрација

Објаснувајќи ги причините за штрајкот , УПОЗ соопшти  дека  платата на судиите во основните судови се зголемила од 15.600 на 37.800 денари, додека на административните работници, дактилографите од А-класа, судската полиција, на куририте и на хигиеничарите им останале или непроменети  или максимум биле зголемени за 1.500 денари.

Платата на административните работници е 9.423 денари, на дактилографите 8.800 денари, на вработените во судската полиција по 9.130 денари, а на куририте и хигиеничарите по 6.200 односно 5.600 денари.

Доколку по тридневниот штрајк не биде позитивно одговорено на барањата на вработените, УПОЗ најави нов повеќедневен штрајк.