ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(По повод празнувањата за Денот на Армијата 18-ти Август)

Почитуван господине Јолевски,

Деновиве добив покани за неколку настани во врска со одбележувањето на18-ти Август – Денот на Армијата на Република Македонија, кој што годинава ќе го направиме по дваесет и четвртти пат.

Со целосен почит кон традицијата на одбележувањето на великите денови на државноста и самостојноста на нашата Република, а во тие секако спаѓа и Денот на Армијата, не само заради фактот што во нејзиното формирање,  изградба, етаблирање во столб на државноста  и нејзина целосна домашна и меѓународна афирмација сум од самите нејзини почетоци –годинава, господине Министер, нема да Ве удостојам  со прифаќање на поканите.

Тоа што го правам во ништо не е во спротивност со пишаните и непишаните правила на доброто дипломатско однесување и добрите практики на однесување во ситуации со кои деновиве се соочуваме.

Не можам да си дозволам веќе утре, во понеделник -15 август, да прифатам покана за ручек по повод празникот (без разлика што тој можеби ќе биде класифицира како работен, и  тогаш ќе бидат разменети искуства, идеи и предлози и со актуелни теми).

Не можам исто така да прифатам да бидам гостин и на Централната прослава за празникот која ќе се одржи на самиот ден  -18-ти август, која ќе заврши со (не)скромен  коктел димензиониран за стотиците планирани гости, без разлика што таму главен гостин ќе бил Претседателот на Република Македонија, во својство на Врховен Командант.

Дегутантно, крајно нечувствително, непримерено, несоодветно на рангот кој го стекнав за време на своето службување во … (две армии и неколку држави) и едукациите од највисоко ниво кои ги поминнав за тоа време е поканите да ги прифатам.

Тоа да го направам на само недела дена од големото невреме од големата природна катастрофа – поплавите во Скопско Смилковци, Стајковци, Араџиново, Ченто, Булачани, Виниче, Црешево, Илинден и други населби и плодна површина долж несреќната обиколница кога жиотот го изгубија голем број недолжни луѓе – официјално ДВАЕСЕТ И ДВАЈЦА до сега, повеќемина уште се водат за исчезнати а непронајдени, многумина се повредени, илјадници се трауматизирани, многу семејства остааа без своите домови, покуќнина, автомобили, родот од кој преживуваа и го хранеа Скопје…

Нивните животи и здравје се сериозно загрозени и ним им е потребна целосна помош, внимание, грижа, сочувство , хуманост, искреност…

Затоа денес сум недипломатски расположен и наместо да постапам според предвиденото на барањето за RSVP ( Répondez s’il vous plait ) ЈАВНО ЈА ОДБИВАМ ПОКАНАТА ЗА РУЧЕК И ПРОСЛАВА СО КОКТЕЛ.

До Вас упатувам БАРАЊЕ:

– ДА ГИ ОТКАЖЕТЕ СИТЕ НЕПРИМЕРЕНИ НА СОСТОЈБАТА ПРОСЛАВИ, АКТИВНОСТИ, ПАТУВАЊА,
– СРЕДСТВАТА  ОД БУЏЕТОТ НА ДРЖАВАТА ПЛАНИРАНИ ЗА ВАКВИ НАМЕНИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО И КОМАНДИТЕ И ЕДИНИЦИТЕ НА АРМИЈАТА (КОИ НЕ СЕ МАЛИ) ДА ГИ ПРЕНАМЕНИТЕ ЗА ПОМОШ НА НАСТРАДАНИТЕ (МЕЃУ НИВ ИМА И ВРАБОТЕНИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО И АРМИЈАТА),
– ДА ГИ ПОСЕТИТЕ ДОМОВИТЕ НА ЛИЦАТА ВРАБОТЕНИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО И АРМИЈАТА НАСТРАДАНИ ВО ПОПЛАВИТЕ И ДА ИМ ИЗРАЗИТЕ СОЛИДАРНОСТ, И УКАЖЕТЕ ПОМОШ,
– ЈАВНО ДА ПРОКЛАМИРАТЕ ДЕКА ВО НАРЕДНИОТ ПЕРИОД ЕДНА ОД ВРВНИТЕ ЦЕЛИ КОИ АРМИЈАТА  ТРЕБА ДА ГИ ДОСТИГНЕ, (НА ТОА ЌЕ ПОРАБОТАТ ТИЕ ШТО ЌЕ ВЕ НАСЛЕДАТ) Е РАЗВИВАЊЕ НА СИСТЕМ ЗА ПРЕВЕНИРАЊЕ, СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ И ПРУЖАЊЕ ПОМОШ НА НАСЕЛЕНИЕТО И ЗАЕДНИЦАТА ВО УСЛОВИ НА ПРИРОДНИ НЕПОГОДИ, ЕЛЕМЕНТАРНИ И ТЕХНИЧКИ КАТАСТРОФИ, ШТО Е ЕДНА ОД ОСНОВНИТЕ ЗАДАЧИ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА НАТО И ЕУ.  

Со  почит,
Илија НИКОЛОВСКИ
Генерал во пензија

Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив